Дваесет млади учесници од Берово и Пехчево изминатиот викенд учествуваа на еднодневна едукативна работилница посветена на одржливото користење на автохтони сорти овошки и развојот на зелени бизнис-идеи.
Преку презентации, тимска работа и практична примена, учесниците се запознаа со потенцијалите на старите сорти овошки, нивната улога во зачувувањето на биолошката разновидност, како и можностите за нивна преработка во иновативни и одржливи производи. Работилницата имаше за цел да поттикне младинско претприемништво и одговорно користење на локалните природни ресурси.
Во вториот дел од активностите, стекнатото знаење беше применето во практика во Работилницата за храна (FOOD HUB) во Пехчево, каде што учесниците подготвуваа производи од стари сорти круши и јаболка, во соработка со локална компанија. Во работилницата учествуваа и претставници на Локалниот младински совет Пехчево, СОУ „Ацо Русковски“ и ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово.
Подготвените производи ќе бидат изложени за дегустација и продажба на претстојниот Велигденски базар во Пехчево.
Работилницата е дел од проектот „Зачувување на стари сорти на овошки во регионите на Малешево и Беласица“, кој го имплементира Здружение Амброзија од Пехчево, во партнерство со Македонско еколошко друштво и Биоматера од Бугарија.



