КУП 2026 – ЖЕНИ: Голем настан за малото рударско место – Македонска Каменица!
Викендов следуваат возбудувања од финалниот турнир од Купот во женска конкуренција.
Четири се желбите, еден е трофејот, оној кој се доделува за најдобрата од нив на финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ во женска конкуренција.

По 34. пат во историјата на македонската клупска кошарка се игра „Фајнал-фор “ турнирот кој треба, оваа година, да го даде наследникот на Вардар, која важи како актуелен освојувач на ова натпреварување.
Во наредните два дена, екипите на Крива Паланка, на Бадел 1862, МЗТ Бела вода и домаќинот, Баскет кам 2011 ќе се борат за трофејот, за прв пат во историјата, во Македонска Каменица.
Градот кој го дава актуелниот шампион, и финалист од ланското издание на Купот на Македонија.
А токму градоначалничката на малото рударско место на Истокот, Соња Стаменковска ја имаше честа да „го отвори“ дводневното дружење на девојките од четирите најдобри екипи во оваа конкуренција.
Стаменковска им посака срдечно добредојде на полуфиналистите, кои се дел од овој и тоа како голем настан за град како Македонска Каменица, кој живее за спортот.
Согласно со системот за натпреварување, за место во големото финале кое ќе се игра на 22. февруари (недела, од 18.часот), ќе се изборат победниците на двете полиуфинални двојки.
Во сабота, од 15.часот, на теренот во салата „Кирил и Методија“ во Македонска Каменица, ќе истрчаат екипите на Баскет кам и МЗТ Бела вода.
Од 17.30 часот, на ред е вториот полуфинален меч во кој ќе играат екипите на Крива Паланка и на Бадел 1862.
