По повод роденденот на градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, на негова иницијатива и како негов долгогодишен пријател, Кире Михаилов, заменик-директор на Национални шуми, донираше 200 садници липа со цел да придонесе кон обновување на препознатливиот лик на градот.
Градоначалникот истакна дека Делчево во минатото било препознатливо како град на липите, а со оваа акција се презема заедничка обврска, заедно со граѓаните, повторно да се врати тој дух и традиција. Садниците се наменети за јавни површини и ќе бидат засадени во интерес на сите жители на општината.
Кире Михаилов најави дека оваа иницијатива нема да биде еднократен гест. Тој јавно се обврза дека за секој нареден роденден на градоначалникот, додека ја извршува функцијата, ќе донира онолку садници липа колку што ќе бидат побарани за потребите на градот.
Покрај личната донација, во акцијата се вклучија и повеќе општествено одговорни компании и граѓани, при што вкупниот број на донирани садници надмина 1.000. Ова претставува значаен чекор кон поширока еколошка и општествена мобилизација.
Во врска со можните реакции во јавноста, беше потенцирано дека станува збор за лична донација, без користење на државни ресурси, и дека целта не е лична промоција, туку поттикнување на свест кај јавните личности и сите кои имаат можност, своите значајни датуми да ги одбележуваат со општокорисни активности.
Иницијативата има за цел да изгради навика и систем во кој вложувањето во заедничкото добро ќе стане стандард, а не исклучок – со визија за поубаво, позелено и подостоинствено Делчево за сите граѓани.
