Во галеријата Метаноја во Скопје, на 6 март 2026 година со почеток во 19 часот, се одржа промоција на монографијата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката / 10 години од впишувањето на орото Копачката во УНЕСКО“ од авторката Перса Стојановска.
Настанот беше организиран од Фолклорната група „Копачка“ од селото Драмче, Делчево, во соработка со Балкански институт за вера и култура и галеријата Метаноја.
Монографијата го документира процесот на впишување на орото „Копачка“ на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на UNESCO, што се случи на 27 ноември 2014 година во Париз. Делото ги опфаќа и активностите во изминатата деценија, проектите за зачувување на традицијата, постигнатите резултати, но и предизвиците со кои се соочува одржувањето на ова значајно културно наследство.
Промоцијата ја отвори д-р Коста Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура, по што свое обраќање имаше и м-р Нада Миоковиц Милкова, директорка на галеријата Метаноја. Таа го потенцираше симболичниот момент на организирањето на настанот, чиј носител е жена – авторката на монографијата Перса Стојановска, во пресрет на празникот Меѓународен ден на жената.
Низ сценариото на настанот публиката ја водеа актерката Зорица Нушева и проф. Доне Донев, кој меѓу другото ја одигра и улогата на таткото на авторката, Данило (дедо Дафчо) Стојчевски – ороводец и почесен претседател на групата „Копачка“. Во позадина, на својата тамбура, Ангел Димитров тивко ги изведуваше ритмите на „Копачката“.
Промотор на монографијата беше етномузикологот проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска, која е и стручен соработник на делото. Таа истакна дека книгата не претставува само документ за активностите на групата „Копачка“ во изминатите десет години, туку и продолжение на вековната приказна за една силна традиција вкоренета во душата на Пијанчани.
„Оваа книга е продолжување на една вековна приказна, на силна традиција што се пренесува преку ритамот на тапаните и чекорите на Копачката. Авторката Перса Стојановска не е само раскажувач и уредник, туку и чувар на традицијата, достоен наследник на дедо Митко-Соколот, Учителот Узунски и на сите оние кои со генерации ја играле Копачката како дел од животот на Драмчани и Пијанчани, како дел од македонскиот културен код“, истакна Стојкова Серафимовска.
По неа збор зеде и проф. д-р Мирјана Мирчевска, која говореше за авторката Перса Стојановска, нејзината долгогодишна посветеност во работата на групата „Копачка“, придонесот за одржливоста на орото во рамките на УНЕСКО, како и за негувањето на пијанечкиот фолклор и нејзините активности како координатор на Источниот плански регион во рамките на Сојуз на фолклорни ансамбли на Македонија – СОФАМ.
На настанот беше изразена и благодарност до Министерство за култура и туризам на Северна Македонија за поддршката и субвенционирањето на проектот за издавање на монографијата во 2025 година.
Во рамки на програмата, играорците од Драмче ја изведоа и женската и машката верзија на орото „Копачка“. Посетителите имаа можност да ја проследат и етно-изложбата со автентични предмети од Пијанец, меѓу кои черги, фути, рачници, пешкири, јастучници, зглавници, фурки, кадели, вретена, троножни столчиња, софра, бакарни и глинени садови, како и традиционални музички инструменти – тапан, ќемане, тамбура и гајда.
Изложбата, која е естетски надополнета со промотивни материјали, награди и признанија поврзани со орото „Копачка“, е поставена во галеријата Метаноја и ќе може да се посети и во текот на следната недела.



