Започна комплетната реконструкција и адаптација на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот беше означен на настан на кој присуствуваше ректорката проф. Биљана Ангелова, заедно со претставници на институциите.
Според најавите, објектот кој со години бил во руинирана состојба ќе биде целосно обновен и повторно ставен во функција за потребите на студентите. Со инвестиција од 54 милиони денари, Министерството за спорт има за цел салата да се претвори во современ простор за настава по физичко образование, спортски активности и развој на универзитетскиот спорт.
Од надлежните посочуваат дека реконструкцијата треба да обезбеди подобри, побезбедни и модерни услови за студентите на најголемиот државен универзитет.
Проектот е дел од пошироките инвестиции во спортската инфраструктура во земјата, со цел да се поттикне развојот на спортот и да се подобрат условите за младите.


