Предлог-законот за високо образование е во завршна фаза и од понеделник ќе биде поднесен на влада, потврди министерката за образование Весна Јаневска, додавајќи дека во завршната фаза ќе бидат земени предвид сите конструктивни и аргументирани забелешки поднесени од страна на јавноста и академската заедница.
Од универзитетската фела со бројни забелешки. Универзитетската професорка Тамара Јованов за Телевизија 24 истакнува дека во законот постојат бројни недоследности и пропусти. Јованов предупредува дека втората верзија на предлог-законот за високо образование, иако декларативно ја афирмира академската слобода и автономијата, всушност ги ограничува клучните одлуки на универзитетите, префрлувајќи ги кај Владата и Националниот совет. Таа потенцира дека строгите критериуми за научни публикации и големото наставно оптоварување можат да доведат до површна настава и симулирана научна продукција. Според Јованов, ваквиот пристап го поткопува академскиот интегритет, ја намалува мотивацијата на професорите и ја загрозува иднината на високото образование во земјата.
„Законот само декларативно ја гарантира автономијата на универзитетот, но истовремено клучни прашања се префрлаат на одлучување кај Владата и Националниот совет, наместо кај универзитетите. Ова создава систем во кој автономија постои на хартија, но е суштински зависна од централни тела. Таквиот пристап отвора простор за политичко влијание и административна контрола врз академскиот развој. Со тоа се губи важниот критички и општествен капацитет на универзитетот. Особено проблематичен е делот кој се однесува на научните публикации. Се инсистира трудовите да бидат објавени во списанија индексирани во бази утврдени од Националниот совет. Ова значи дека совет од неколку лица, голем дел избрани од Владата, ќе одлучува што ќе се смета за наука, а што не,“ вели за Телевизија 24 Јованов.
Универзитетскиот професор Александар Петковски, пак, за Телевизија 24 нагласува дека треба да се разгледаат предлозите насочени кон индекс-рангирањата и базите за објавување на научни трудови, кои според него треба да бидат прилагодени согласно потребите на научната фела.
Предлог-законот за високо образование од самиот почеток предизвика несогласувања во научната фела, а во контекст на законот министерката Јаневска најави дека еден од условите ќе биде и обврската секој кандидат за докторска титула да има најмалку два објавени научни труда, а доколку претходно магистрирал, да има и дополнителен објавен труд…
Инаку, според најавите дел од точките во предлог-законот нема да важат за редовните професори….
