Close Menu
Malesh
    Актуелно

    Роналдо 23 пати фатен во офсајд на СП, му требаат уште два за анти-рекорд

    САД и Иран разменија проектили и обвинувања за прекршување на примирјето

    Потврдено: Алексовски на голот на Елбасан

    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Malesh
    • ВЕСТИ
      • Македонија
      • Економија
      • Култура
      • Спорт
      • Политика
    • Историја
    • Магазин
    • Туризам
    • Малеш ТВ
    • Регион
    • Свет
    ЧЛЕНСТВО
    Malesh
    Home»Македонија»Нема доказ дека Маѓар е Евреин и дека победил на изборите во Унгарија со „еврејска завера“
    Македонија

    Нема доказ дека Маѓар е Евреин и дека победил на изборите во Унгарија со „еврејска завера“

    18/04/20266 Mins Read
    Сподели Facebook Twitter Telegram LinkedIn WhatsApp
    Заследи
    Facebook X (Twitter) Instagram

    Фејсбук-објава сугерира дека Маѓар победил со помош на Евреите, кои, стереотипно, „владеат од сенка“ и на кои, наводно, тој им припаѓа, а „доказ“ за тоа се две фотографии, на кои тој носи еврејско капче, но такво носеле и Трамп, Бајден, Макрон и Мерц при посета на синагоги и други свети места за Евреите, иако самите не се Евреи. Како опозиционер, Маѓар не можел да мести избори, за разлика од Орбан, кој беше на власт 16 години, а тој призна пораз и си припиша вина за истиот, со што отпаѓа теоријата на заговор дека некакви Евреи го донеле Маѓар на власт, пишува Вистиномер.

    Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која започнува со зборовите:

    Петар Маѓар е Евреин. Тие бираат владетели.

    Објавата е од профил, кој објавува проруски и проирански дезинформации (примери: тука, тука и тука, кои сме ги побивале: тука, тука и тука), па тоа важи и за оваа објава. Според неа, Петер Маѓар победил на изборите во Унгарија благодарение на Евреите, кои, стереотипно, „имаат голема економско-политичка моќ“ и „владеат од сенка“. Маѓар е тука неточно претставен како еден од нив, а тоа е антисемитска теорија на заговор, какви што има и за други личности и настани низ светот.

    Објавата не е поткрепена ни со еден релевантен и кредибилен извор, а како „доказ“ за нејзините тврдења се приложени само две фотографии, на кои Маѓар носи еврејско молитвено капче, познато како кипа или ермулка. Но, ние никаде не најдовме податок дека тој е Евреин, а турскиот медиум Хаберлер ги објаснува тие фотографии како да се од посета на синагога во Израел.

    При посета на синагоги и други свети места за еврејската религија јудаизмот, како што е Ѕидот на плачот, обичајот налага гостите да носат кипа, дури иако не се Евреи, па такви фотографии има од: Доналд Трамп, Џо Бајден, Барак Обама, Џорџ Буш, Емануел Макрон, Фридрих Мерц, Силвио Берлускони, Еди Рама и други политичари од сиот свет. Тоа не значи дека тие се Евреи. Тие фотографии се од посети, гостувања, а не од практикување на јудаизмот.

    Во една прилика, Маѓар им честитал на Евреите еден нивен празник токму со таква фотографија, иако самиот е христијанин – како што притоа нагласил, а зависно од изворот, Евреите се религиозна или етнорелигиозна група, која ја следи религијата на јудаизмот, а не христијанството. Јудаизмот не го почитува Исус Христос, што е непремостлива разлика со христијанството, иако овие религии имаат допирни точки. Маѓар не е следбеник на јудаизмот, туку на христијанството.

    Додуша, Маѓар е опишуван како непрактикувачки католик, па, наводно, не оди редовно в црква и сл., но, барем номинално, тој е католик. Тој се образувал во католичка гимназија и католички универзитет, па дури користи католички слоган: „Не плашете се!“, со кој Папата Јован Павле Втори ги бодрел католиците во нему родната Полска, кога таа била под прилично атеистичкиот комунизам. Маѓар постира и свои фото-репортажи од стари цркви и манастири низ Унгарија (примери: тука и тука), па сето тоа е типично за следбеник на католицизмот, а не на јудаизмот.

    Ако Маѓар е Евреин, останатите Евреи би му замериле за неговото изјаснување за христијанин и за нив тој би бил апостат или вероотстапник (хебрејски: мумар, мешумад или куфер, што ни е познато од исламскиот и османлиски еквивалент каур), па Евреите не би го довеле на власт, а објавата сугерира дека токму тие го довеле на власт, за што нема ни логика, а ни доказ.

    Во некои минати и нетолерантни времиња, христијаните колективно ги обвинувале Евреите за распнувањето на Христос како „христоубијци“, што поттикнувало омраза и насилство, па тешко еден Евреин да се изјасни како христијанин. Има и такви, кои се обидуваат да спојат елементи од двете религии, но тоа е понов и не толку масовен феномен, а и тоа нема врска со Маѓар.

    Тоа беше објаснување од верски аспект, а од етнички аспект ќе укажеме дека презимето Маѓар (унг. Magyar) буквално се преведува како „Унгарец“. Во Унгарија има и други етнонимски презимиња: Horváth (Хрват), Németh (Германец), Rácz (Србин), Oláh (Романец), Cseh (Чех) или Zsidó (Евреин), но Маѓар е најверојатно етнички Унгарец и засега немаме податок дека е асимилиран припадник на друг етникум (на пр. еврејскиот) или дека неговите предци биле асимилирани.

    Не мора да значи дека лицата со такви презимиња потекнуваат од тие етнички групи и тие лица можеби живееле во средини во кои доминирале тие етнички групи или ги добиле тие презимиња на друг начин. Така, на пример, презимето Маѓар го зеле и некои Евреи, обично за да се интегрираат во унгарското општество, кога таму се спроведувала националистичка политика на т.н. маѓаризација, но немаме податок дека тоа го сториле и предците на Петер Маѓар.

    Спротивно од она што го тврди објавата, токму неговиот ривал Виктор Орбан имаше силни врски со Евреите и нивната држава Израел. Унгарија беше фалена како најбезбедна земја за нив додека низ Европа тие беа мета на имигранти-исламисти, на кои Унгарија им ускратуваше гостопримство.

    Затоа, некои унгарски Евреи сега се загрижени како за нив ќе биде под власта на Маѓар, но чуму такви грижи ако тој е Евреин – како што тврди објавата? Ова е аргумент повеќе дека тој не е Евреин и дека Евреите не го перципираат како свој човек, па се загрижени како тој ќе се однесува.

    Орбан беше на власт дури 16 години, при што градеше добри односи со Израел, па треба ли да заклучиме дека победувал на избори со некаква „еврејска завера“ – како што прави објавата? За такво нешто немаме доказ и тоа би било неумесно да се тврди.

    Орбан успеа да владее толку долго со мека авторитарност, со „пиши-бриши“ на Уставот и законите во сопствена полза, со клиентелизам и партиски вработувања, со врски со богати бизнисмени, со преземање контрола над медиуми, со манипулирање на христијанските и исламофобните чувства на граѓаните, како и со делење државјанства на етнички Унгарци од соседните земји, кои потоа гласаа за Орбан.

    Но, евидентно, Унгарците се изморија од него и тој го призна изборниот пораз и дури си припиша 100 отсто одговорност за истиот, па тука отпаѓаат какви било  теории на заговор дека „победата му ја украле Евреите“ и сл. Напротив, како човек кој беше на власт дури 16 години, токму Орбан беше во позиција да мести избори, а не Маѓар, кој беше кандидат на опозицијата.

    Изборните набљудувачи од ОБСЕ не јавиле за некакви негативности од страна на Маѓар или за некакви „Евреи, кои полнат гласачки кутии“, туку обратно, негативности имало од страна на власта предводена од Орбан. Но, на крај, дел од набљудувачите изјавиле дека изборите биле генерално слободни и фер.

    Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

    Previous ArticleВМФЛ: Шкендија (А), Скопје и Охрид пред лесни победи, Брегалница ја чека тешко гостување кај Детонит
    Next Article Натали Портман повторно бремена: очекува дете со партнерот Тангуј

    Поврзани вести

    Секој граѓанин преку „Мој Термин“ ќе може да се изјасни дали сака да е органодарител

    27/06/2026

    На Клиниката за онкологија пациентите чекаат со часови, решение нема

    27/06/2026

    Еко-активисти бараат итна заштита на Кожуф, Дошница и на биодиверзитетот

    27/06/2026
    Advertisement
    АКТУЕЛНО

    Роналдо 23 пати фатен во офсајд на СП, му требаат уште два за анти-рекорд

    САД и Иран разменија проектили и обвинувања за прекршување на примирјето

    Потврдено: Алексовски на голот на Елбасан

    Вучиќ најави дека ова се негови „последни денови и последни недели како претседател“

    НАЈЧИТАНИ

    Фестивал на Дувачки Оркестри – Пехчево 2026 🎙🎺🎷

    23/06/2026

    Мицкоски смета дека безбедноста на неговото семејство е загрозена со објава на дипломатска нота

    23/06/2026

    Претставници на Асоцијацијата на воени аташеа во Република Македонија ја посетија Општина Пехчево

    26/06/2026
    Facebook X (Twitter) Pinterest Vimeo WhatsApp TikTok Instagram

    Вести

    • World
    • US Politics
    • EU Politics
    • Business
    • Opinions
    • Connections
    • Science

    МАЛЕШ МК

    • Information
    • Advertising
    • Classified Ads
    • Contact Info
    • Do Not Sell Data
    • GDPR Policy
    • Media Kits

    ПОДДРШКА

    • Subscriptions
    • Customer Support
    • Bulk Packages
    • Newsletters
    • Sponsored News
    • Work With Us

    Најнови информации

    Добивајте ги најновите креативни вести од Малеш.

    © 2026 MaleshMK. Designed by MKNet.
    • Политика на приватност
    • Услови
    • Пристапност

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.