Вардар 1961 е на бод до враќање на титулата. „Црвено-црните“ го победија Алкалоид и продолжија да чекорат кон остварување на амбициите за оваа сезона. Тренерот Иван Чупиќ после оваа средба им се заблагодари на Алкалоид што се согласија да играат порано поради обврските на Вардар 1961 во Европската лига. Стратегот изјави дека малку се уморни, но и емотивно исцрпени после Купот на Македонија.
„Благодарност до Алкалоид, затоа што ни излезе во пресрет, требаше да играме за викенд, но ни следи многу важен меч со Монпелје и за Вардар и за македонскиот ракомет, па затоа сакам јавно да се заблагодарам затоа што прифатија промена. Што се однесува на натпреварот, се гледа дека бевме малку уморни, празни, со некои проблеми со Хориха, емотивно малку не измори и Ф4 во Купот, ама мислам дека публиката ни даваше нешто екстра, да контролираме и да останеме во мечот. Имавме добри моменти, го имавме и Валах кој бранеше константно, па на крајот кога ќе сумирам ова се важни два бода за нашиот маратон.
Имаме уште четири меча, на кои ќе имаме шанса да ја завршиме приказната во македонската лига. Целиот плеј-оф е интересен, има добри екипи како Алкалоид, Пелистер и Охрид. Играш силни мечеви, го има и Ф4-турнирот во Купот. Секој играч е многу важен во овој дел од сезоната. Психологијата во главата на екипата сега е различен од оној момент кога тргнавме во август. Сигурно дека во тој аспект му дадовме многу поголемо внимание, отколку на некоја тактика.“, изјави Чупиќ.
