На брифингот со новинарите во Министерството за надворешни работи на Грција портпаролката се осврна на усвојувањето на Делфи-декларацијата од страна на Грција и партнерите од Западен Балкан за нивното пристапување во Европска Унија за која рече дека е од историско значење.
„Ако би дале наслов, би бил: ‘Европската перспектива на Западен Балкан, од Солунската агенда 2003 до декларацијата од Делфи 2026“. Дваесет и три години по Солунската агенда, се обновува посветеноста на Грција и партнерите од Западен Балкан за нивната интеграција во Европската Унија како неповратен процес, како геополитичка инвестиција во мирот и стабилноста. Делфи-декларацијата е почетна точка на грчката иницијатива за Западен Балкан, која ја презеде министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, а вчерашниот успех, нејзиното усвојување, е резултат на долготрајни и интензивни напори во оваа насока“, посочи Зохиу.
Потсети дека Грција, во пресрет на преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година, „останува силен поддржувач и двигател на интеграцијата на сите партнери од Западен Балкан во Европската Унија“.
„Активностите на Грција се насочени кон усвојување на европското законодавство од Западен Балкан, како и кон поттикнување на економската конвергенција и регионалната стабилност во области како што се енергетиката, поврзаноста, миграцијата и безбедноста. Планираните активности од грчка страна за зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан вклучуваат: усвојување на декларацијата од Делфи како продолжение на агендата од Солун и прв чекор во грчката иницијатива за регионот; посети на министерот за надворешни работи на земјите од Западен Балкан во следниот период, како и планирана министерска средба во Атина до крајот на годината“, нагласи портпаролката на грчкото МНР.
Додаде дека Грција е подготвена да обезбеди експертиза во клучни области, како што се: владеењето на правото, јавната администрација, дигиталното управување, транспортната и енергетската инфраструктура и во пракса да ги поддржи реформските напори на своите партнери во регионот.
На маргините на Делфи-економскиот форум, што од средата до утре се одржува во Грција, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и претставниците на шесте земи од регионот, односно заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија, Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора, Иван Иванишевиќ, и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција, Драган Вуковиќ, на првиот ден од конференцијата ја усвоија Делфи-декларацијата за европската интеграција на Западен Балкан.
