Сојузот на синдикати на Македонија утре, на 1 Мај, ќе организира работнички протест, кој ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом, во центарот на Скопје. Под мотото „За плата се бориме – не се молиме!“, протестот ќе продолжи преку улиците „11-ти Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Васил Главинов“ и булеварите „ВМРО“ и „Илинден“, до пред Владата.
Од ССМ велат дека ова е осми по ред првомајски работнички проетест, на кој годинава се повикува на солидарност, гласност, обединетост и одлучност.
„Работничката борба не е само еден протест, еден штрајк, една блокада, тоа е континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на работничките права. 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина“, велат од ССМ.
Од таму повикаа и на солидарност и од работниците за кои синдикатите веќе се изборија за покачување на нивните работнички плати, бидејќи, како што велат, работничката солидарност не смее да има граници.
За време на одржувањето на протестниот марш, Министерството за внатрешни работи најави дека во центарот на Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
