Вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство открија сериозни неправилности кај дел од млечните производи што се продаваат на домашниот пазар. Кај повеќе производи е утврдено дека реалниот состав не одговара на податоците наведени на декларациите, а во еден случај биле пронајдени и растителни масти во производ што се продава како млечен.
Инспекциските служби земале 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи од домашно производство и од увоз. Од досега анализираните 45 мостри од млечни производи, неправилности се утврдени кај десет оператори.
Според информациите што ги објави Курир, станува збор за следните производители и производи:
Милком – мешан кашкавал: декларирани 34,5% млечни масти, анализата покажала 30%.
Млекара Маврово – мешано сирење: декларирани 24,5% млечни масти, анализата покажала 17,5%.
Сентис АГ Тетово – УХТ млеко: декларирани 3,2% млечни масти, анализата покажала 2,85%. Кај протеините биле декларирани 3,5%, а измерени 3%. Кај киселата павлака биле декларирани 18% млечни масти, а анализата покажала 14%.
Млекара Ѓорѓиеви – козјо сирење: декларирани 23% млечни масти, анализата покажала 16,3%. Декларирани 18,8% протеини, измерени 14,6%.
ПК Златибор, Србија – ситно сирење: декларирани 14,3% млечни масти, анализата покажала само 1,19%.
Бела Фарм, Србија (Хомоље) – урда: декларирани 25% млечни масти, анализата покажала 5,54%.
Продукт Бренд – кравјо сирење: декларирани 15% млечни масти, анализата покажала 11,4%.
Тетовска млекара – мешано сирење: декларирани 23% млечни масти, анализата покажала 19,8%.
Норд Милк – млечна павлака со пиперка: утврдено присуство на растителни масти во производ деклариран како млечен.
Најдрастичен е случајот со увозното сирење кај кое наместо декларираните 14,3 проценти млечна маст биле измерени само 1,19 проценти. Поради измама на потрошувачите, на операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Кај останатите оператори со утврдени неправилности се изречени парични казни од по 1.050 евра, додека за производот кај кој биле откриени растителни масти е изречена казна од 1.300 евра. Спорната количина од околу 500 килограми е повлечена од продажба и уништена.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека засилените контроли кај производителите и увозниците на млечни производи ќе продолжат и во наредниот период.
