За пет месеци реализацијата на капиталните расходи изнесува 38,35 отсто – покажуваат најновите податоци од Министерството за финансии. Токму кај Министерството за финансии-функции на држава, од каде се „инјектираат“ пари за јавни инвестиции на централно и на локално ниво, остварувањето изнесува симболични 6,36 отсто, пишува Порталб. Дел од ресорите со повисоки буџети за капитални инвестиции не реализираа ниту една третина од планот, додека пак неколку министерства прикажаа остварување повисоко од 50 отсто, пренесува Порталб.
„Рангирање“ – кои ресори колку пари потрошија за капитални расходи
Министерството за финансии од каде што се инјектираат пари за капитални расходи и на централно но и на локално ниво, на крајот од мај прикажува реализација од незначителни само 6,36 отсто од планираните средства на годишно ниво. Конкретно овој ресор, според сегашните буџетски планови, по основ на капитални расходи располага со 37.820.000 евра а од нив , за пет месеци се потрошени само 2.405.066 евра. Министерството за култура пак за пет месеци испорачало реализација на капиталните расходи од 9,7 отсто.
Министерството за одбрана кое според сегашниот Буџет има на располагање скоро 150.000.000 евра за капитални расходи , на крајот од мај реализирало само 25,43 отсто од годишниот план или 37.655.000 евра. Министерството за внатрешни работи за пет месеци по основ на капитални инвестиции потрошило 10.203.000 евра што претставува реализација од 39,06 отсто. И Министерството за животна средина кое годинава, според сегашниот буџетски план, доби дури 67.600.000 евра, на крајот од мај потрошило само 16.581.000 или 24,53 отсто од планираните средствата.
Во групата ресори кои за пет месеци успеале да реализираат околу една третина или помалку од годишниот план за капитални инвестиции се Министерството за правда со 20,62 отсто и МНР со 10,76 отсто. Во оваа група се и два ресори со повисоки износи за капитални расходи: Министерството за образование кое доби на располагање 36.500.000 евра, на крајот на мај испорачало реализација од 30,03 отсто и Министерството за здравство кое од вкупниот буџет во износ од 6.666.000 евра, потрошило 31,56 отсто.
Повеќе од 50 отсто реализација испорачаа неколку ресори, меѓу кои и такви кои менаџираат инфраструктурни проекти. Министерството за транспорт од вкупните капитални расходи во износ од скоро 200.000.000 евра, за пет месеци потрошило 132.769.838 евра или остварување од 67 отсто во однос на годишниот план. Реализацијата на капиталните расходи во Министерството за земјоделство изнесува 55,83 отсто, а скоро 50 отсто остварување испорачало и Министерството за социјална политика и демографија, со потрошени 3.155.000 евра. Министерството за спорт реализирало 58,6 отсто од капиталните расходи, а Министерството за јавна администрација 85,85 отсто.
Дел од институциите на државно ниво за пет месеци имаа незначителен резултат во реализација на капиталните расходи. Така, Собранието на РСМ испорачало остварување од само 3,36 отсто иако на располагање има околу 4.200.000 евра за оваа намена. Одредени агенции и дирекции за првите пет месеци не потрошиле ниту денар од годишната сума планирана за капитални инвестиции.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
