При денешната посета на основното училиште „Лубен Лапе“ во Аеродром, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека испораката на учебници треба да биде редовна обврска на системот, но според него, наместо да се зборува за повисоки образовни стандарди и дигитализација, фокусот сè уште се сведува на основни работи како навремено обезбедување учебници за учениците.
„Испораката на учебници можеби треба да претставува нормална работа, иако пред 10-тина, 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме ако учебниците ги доставиме на време за да можат децата да ги користат“, изјави Мицкоски.
Мицкоски оцени дека проблемите со образовниот систем се последица на, како што рече, долготрајно лошо управување во изминатите години од предходната влада, додека сегашната работела на надминување на системските слабости и тоа според приоритети.
„За жал имавме една катаклизма, којашто 7 години беше влада во Македонија и последиците се разорни. Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала. Јас сум свесен дека има граѓани коишто трпението им е при крај, но важно е да ние нашите цели и приоритети ги реализираме и да оставиме впечаток дека даваме максимум за да работите се доведат онаму каде што им е местото. Еден од тие процеси е и ова системско решавање за снабдување на нашите најмили, на децата, со учебници“, истакна Мицкоски.
Тој изрази жалење, што и во ерата на вештачка интелигенција и современи технологии, образованието сè уште се сведува на прашања како навремената испорака на учебници.
„Повторно ќе кажам, жалам што во време на вештачка интелигенција, современи напредни технологии, ние се радуваме дека на време ги доставуваме учебниците“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека системските слабости потекнуваат од претходното владеење на СДСМ и ДУИ, за кои рече дека претставувале „политичка катаклизма“ и дека, според него, никогаш не смеат да се повторат.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека обезбедувањето учебници веќе трета година по ред се одвива без потешкотии и дека нивната дистрибуција ќе биде завршена пред стартот на новата учебна година.
„Трета година по ред учебниците не претставуваат проблем во оваа држава и редовно се доставуваат до 1 септември, кога почнува училишната година“, изјави Јаневска.
Според податоците што ги соопшти, досега се распределени околу 250.000 учебници за најмалите ученици, а вкупната количина што треба да стигне до училиштата изнесува приближно милион и пол примероци.
Јаневска најави дека практиката на навремена испорака ќе продолжи и во следниот период, со цел училиштата да ги добиваат наставните материјали без задоцнувања.
