Денес во 18:00 часот се одржува маршот „НЕ за нова дозвола по стари правила“ организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со почетна точка пред Собранието на Република Северна Македонија и завршница пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
Организаторите известуваат дека маршот е организиран поради сериозните недостатоци во постапката за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата „ТИТАН Усје“.
„Верзијата на барањето која е објавена за увид не само што не е подготвена според идните стандарди, туку содржи и помалку информации од постојната дозвола. Во документот се наведени гранични вредности за само три загадувачи, кои се идентични со оние од старата дозвола и се до осум пати повисоки од важечките стандарди во Европската Унија. Уште позагрижувачки е што целосно недостасуваат гранични вредности и обврски за мониторинг за едни од најопасните загадувачи – тешки метали, диоксини и фурани“, велат организаторите.
Додаваат дека станува збор за супстанции со сериозни последици врз здравјето на луѓето и животната средина, и токму нивните емисии се поврзуваат со согорувањето на алтернативни горива, за кои „Усје“ во новата дозвола бара зголемување на количините за употреба, без во барањето да бидат предвидени соодветни мерки за контрола и мониторинг.
„Ги повикуваме сите граѓани, стручната јавност, медиумите и граѓанските организации да ни се придружат денес во 18:00 часот пред Собранието и заедно да побараме транспарентна постапка, усогласување со европските стандарди и вистинска заштита на јавниот интерес“, велат од „Стоп за Усје“.
