Во екот на туристичката сезона, грчките цариници утрово штрајкуваа четири часови, односно од 5 до 9 по македонско време. Поради штрајкот блокирани беа граничните премини Евзони, Дојран и Ники. На социјалните мрежи, патници кои чекаа за влез во Грција на Евзони, објавуваа фотографии и видеа од метежот, колоните возила и чекањето. Според информациите добиени од надлежните органи на Грција, патничките возила се пропуштаа на секои 10 минути, а товарниот сообраќај беше целосно запрен за влез и излез од Грција, пренесува Н1.
Федерацијата на грчките цариници (OTYE) организираше четиричасовен прекин на работата бидејќи бараат исплата на прекувремените часови, подобри услови за работа и регулирање на надоместоците за дежурства на царинските службеници.
Ова беше најавен предупредувачки штрајк и нема официјална најава дека ќе продолжи и во наредните денови. Ако не се постигне договор меѓу синдикатот и грчката влада, синдикатите можат да организираат нови прекини на работата.
