Уметничкиот проект „Скопје 63/63“ и театарска премиера се вечерва на програмата на 47-мото издание на фестивалот Скопско лето, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан ќе се одржи проект насловен „Скопје 63/63“, кој се сочинува од промоција на книга „Скопје 63/63“ на проф. д-р Ивица Џепароски и отворање на фотографска изложба „63 Слоеви на сеќавањето“ на Сашо Алушевски.
Проектот „Скопје 63/63“ претставува единствена средба на поезијата и фотографијата, посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година. Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и странски автори посветени на Скопје и неговата меморија. Промотор е Соња Стојменска-Елзесер.
Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои преку визуелен јазик сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот. Настанот претставува спомен за минатото, но и потсетник за човечноста, солидарноста и колективната меморија на градот.
Влезот е слободен.
На малата сцена на Македонскиот народен театар со почеток во 20:30 часот премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Вонземјани“ во продукција на Здружението МАНА во копродукција со Македонскиот народен театар.
Автор: Игор Кузмановски
Режија: Васил Михаил
Костимографија: Благој Мицевски
Сценографија: Дарко Дуковски
Тонска обработка: Oscar Production
Асистент на режија: Дамјан Јосифовски
Играат: Нино Леви, Димитрина Мицкоска, Димитар Паскоски, Наум Ѓорѓиески, Марија Новак
