Како што соопшти МЕП, министерот Сали изразил особена благодарност до Владата на Република Турција, Директоратот за прашања на Европската Унија и турските партнери за континуираната поддршка, искрената соработка и подготвеноста да споделат експертиза и практично искуство.
„Турција беше и останува сигурен партнер на нашиот европски пат. Нејзината поддршка во јакнењето на административните и институционалните капацитети е од особено значење за подготовката на нашата земја за обврските што произлегуваат од идното членство во Европската Унија“, истакнал Сали.
Програмата за обука опфаќа значајни теми како управување со проектен циклус, финансиската рамка ИПА III, анализа на засегнатите страни, логичка рамка, буџетирање, мониторинг и известување. Целта е да се зајакнат знаењата и практичните вештини на администрацијата за поквалитетна подготовка и спроведување на проекти финансирани од Европската Унија, наведуваат од Министерството.
Министерот Сали нагласил дека соработката со Турција ќе продолжи и во иднина и дополнително ќе се проширува преку заеднички активности, размена на експертиза и иницијативи за јакнење на институционалните капацитети.
„Очекуваме ова партнерство и понатаму да се развива и да носи конкретни резултати за нашите институции и за граѓаните“, посочил Сали, стои во соопштението на МЕП.
