Од Министереството за надворешни работи и надворешна трговија потврдија за МИА дека денеска е побарана средба меѓу министерот за надорешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, којашто би се одржала следната недела на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарско прашање како таа го прифатила неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите на Македонија со Бугарија, рече дека го советувала како прв чекор да се побара официјална билатерална средба за време на посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Софија, следната недела.
Тој во обраќањето на заедничката прес-конференција нагласи дека со претседателката на ЕК отворено разговарале за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед. Тој подвлече дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Целта, како што посочи, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа.
