Ниту еден од кандидатите за градоначалник на општина Брвеница не освои повеќе од 51 отсто од гласовите во првиот круг на предвремените локални избори, поради што ќе се одржи втор круг. Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија, во трката за градоначалничката функција продолжуваат Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, кој освои 38,89 проценти од гласовите, и Аркин Јахиј од НАИ, со освоени 28,42 проценти.
Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ освои најмногу гласови во првиот круг. Според првичните официјални резултати на ДИК за него гласале 2.945 избирачи, односно 38,89 проценти од излезените гласачи.
Второпласиран е Аркин Јахиј од НАИ со 2.152 гласа, односно 28,42 проценти, додека Јакуп Хусеини од коалицијата „Вреди“ освоил 1.529 гласа или 20,19 проценти.
Јовица Радески од СДСМ и коалицијата добил 707 гласа, односно 9,34 проценти. Душан Богдановски, кандидат од група избирачи, освоил 57 гласа, а Арифе Идризи, исто така кандидатка од група избирачи, добила 21 глас.
Според законските правила, во вториот круг, кој треба да се одржи за две недели, ќе се соочат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови – Стојанчо Радичевски и Аркин Јахиј.
На изборите гласале 7.572 од вкупно 16.256 запишани избирачи, што претставува излезност од 46,58 проценти, соопшти потпретседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ.
До кога може да се поднесат приговори?
Од ДИК потсетија дека подносителите на листите на кандидати имаат право да поднесат приговори за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, како и приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во рок од 48 часа од објавувањето на првичните официјални резултати.
Според најавените рокови, приговорите за постапката на гласање може да се поднесат најдоцна до вторник, 20 октомври, до 19 часот, додека рокот за приговорите за сумирање и утврдување на резултатите истекува во среда, 21 октомври, во 12:30 часот.
ДИК треба да донесе одлука по приговорите во рок од 72 часа од нивниот прием. Против одлуката на Комисијата може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Судот треба да одлучи во рок од 48 часа од приемот на тужбата.
Конечните резултати ќе бидат објавени по завршувањето на постапката по приговорите, информираа од ДИК.
Предвремените избори во Брвеница се одржаа по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст.
