На 22 октомври, четврток, во Милочер во близина на црногорскиот град Будва ќе се одржи Самит на Берлинскиот процес, на кој лидерите од шесте земји од Западниот Балкан и нивните европски партнери ќе разговараат на посилна економска поврзаност на регионот, конкурентноста, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е последен настан од едногодишното претседателство на Црна Гора со Берлинскиот процес. Домаќин на собирот е црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, а настанот ќе го отвори германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Учеството на Самитот го потврдиле сите лидери на земјите од Западниот Балкан го потврдија своето – македонскиот премиер Христијан Мицкоски, албанскиот Еди Рама, косовскиот Албин Курти, српскиот Ѓуро Мацут, како и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Германската Влада соопшти дека главни теми на форумот ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора ја постави зелената и одржлива транзиција како четврти клучен приоритет за време на своето претседавање.
Покрај земјите на Западен Балкан, Берлинскиот процес ги вклучува и Австрија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Европската Унија, меѓународните финансиски институции и регионалните организации.
Берлинскиот процес започна во 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, во време кога процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан беше закочен.
Црногорската Влада соопшти дека сака Самитот во Милочер да заврши со конкретни резултати, што ќе им ги покажат на граѓаните придобивките од регионалната соработка и европската интеграција.
