Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, разговарале за можностите за проширување на билатералната соработка во енергетиката во услови на глобална енергетска криза.
Како што соопшти кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова денеска, на нејзино барање, остварила телефонски разговор со Алиев, при што двајцата соговорници ги потврдиле пријателските односи меѓу двете земји и подготвеноста за нивно натамошно унапредување.
Во разговорот биле разменети мислења за растечките предизвици поврзани со енергетската криза, како и за можностите за нивно надминување.
„Во духот на пријателството и меѓусебното разбирање“, двајцата претседатели се согласиле за продолжување и проширување на соработката во областа на енергетиката, се наведува во соопштението.
Од кабинетот посочуваат дека заложбата за унапредување на соработката е потврдена и зацврстена со официјалната посета на Сиљановска-Давкова на Баку.
Соговорниците ја истакнале и важноста на продлабочувањето на политичкиот дијалог и развивањето на соработката во областите од заемен интерес.
