Европските реформи мора да ги почувствуваат граѓаните во секојдневниот живот, од вработувањето и социјалната заштита до квалитетот на јавните услуги, а во процесот на евроинтеграција треба активно да учествуваат и работодавачите, синдикатите и граѓанските организации. Ова го истакнал првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на средбата во Брисел со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Шејмус Боланд, соопшти Министерството за европски интеграции.
Во фокусот на разговорите биле улогата на граѓанското општество и социјалните партнери во процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, како и можностите за нивно поголемо вклучување во креирањето и спроведувањето на реформите.
Сали нагласил дека реформите на европскиот пат не треба да останат само институционални и политички заложби, туку да одговараат на реалните потреби на граѓаните и да носат конкретни придобивки во секојдневниот живот.
Според него, учеството на работодавачите, синдикатите и граѓанските организации може да придонесе за поголема транспарентност, инклузивност и одржливост на реформските процеси.
Министерот ја поздравил иницијативата на ЕЕСК за вклучување претставници од земјите кандидати во неговата советодавна работа, оценувајќи ја како конкретен пример за постепена интеграција во европските процеси и пред полноправното членство во Унијата.
Таквото учество отвора можности за размена на искуства и за придонес во дискусиите за европските политики, со што претставниците на земјите кандидати можат поблиску да се запознаат со начинот на кој се креираат и спроведуваат политиките на ЕУ.
Сали изразил интерес за воспоставување редовна размена меѓу Министерството за европски прашања и ЕЕСК, како и за тематска соработка во областите на стручните вештини, вработувањето, конкурентноста и социјалната инклузија.
Тој посочил дека дијалогот со граѓаните и социјалните партнери е суштински за зајакнување на довербата во процесот на европска интеграција и за обезбедување поширока општествена поддршка за реформите.
