Со долг аплауз и стоечки овации, долгоочекуваниот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на 81.
Венецискиот филмски фестивал во преполната Sala Darsena, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.
Филмот раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година – во мигот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога блеска светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност – исполнета
со амбиција, сомнежи и силна жед за слобода.
Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија
Виржини Сен-Мартин (SBC).
Првите критики по премиерата во Венеција го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност.
„Мајка не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена – Мајка Тереза – како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица.
Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик – и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се запрашав: зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со „Мајка“ сакав да дадам нова
перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности.
Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата – и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време.“ – изјави Теона Стругар Митевска за време на пресс конференцијата во Palazzo del Casino.
Номи Рапас, пак, рече: „Прифаќањето на оваа улога беше неверојатен предизвик и патување. Со месеци живеев со „Мајка“ во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања – читав многу, и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и
местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот.
Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати.“
Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија.
Од 3 декември, филмот ќе започне со кино-прикажување низ Европа – ретко и извонредно достигнување за македонска продукција.