Претседателот на ДИК, Борис Кондарко рече дека официјално утре ќе ја имаат и првата средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР, со што и официјално почнуваат со нивната работа.
„Ја известуваме јавноста дека од утре официјално ќе имаме средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР и од утре почнува нивната работа и официјалното набљудување на изборите. Тие ќе бидат во постојана комуникација за сите потребни појаснувања до Државната изборна комисија и ќе бидат присутни на сите наши отворени јавни седници. Така што во таа насока ги усвојуваме првите нивни барања за акредитација на набљудувачи. Едното барање е за шест лица, другото барање е за осум лица“, рече Кондарко.
Членовите на ДИК едногласно ги усвоија и измените, дополнувањата на решение за измена на регистер на радиодифузери, печатени и електронски медиуми, интернет портали за локалните избори. На денешната 133 седница на ДИК се разгледуваа и 34 барања за иземање на претседатели, заменици претседатели и членови на Општинските изборни комисии, а воедно на нивни места беа избрани нови претседатели, заменици претседатели и членови во Општинските изборни комисии.