„Целта на тој мастер план беше да се забрани политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше три чекори. Првиот беше да се притворат што повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се случи промена на името, и тоа се случи. Вториот беше партијата да се стави на обвинителна клупа за терористичко дејствување и нелегално финансирање и делумно успеаја во тој дел за нелегално финанисрање. Ја ставија на обвинителна клупа и сѐ уште партијата е на обвинителна клупа, сѐ уште имаме замрзнат имот. Третиот дел беше доколку успеат да ја осудат ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, да се забрани политичко дејствување и воопшто да не може да учествуваме на избори.
Овој мастер план одеше дотаму да му се забрани и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се бави со политичко дејствување. И ова беше смислено од тогашното раководство на СДС на чело со Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, а не може да се амнестира ниту Димитар Ковачевски”, вели Николоски.
„Од тој план беше злоупотребена Агенцијата, во контекст ние да бидеме оцрнети пред стратешките партнери, пред сѐ после членството во НАТО. Целта беше никој од нас да не може да добие безбедносен сертификат. Не им успеа во тоа, но се штанцале на дневна основа извештаи дека сме биле под вакво влијание или под такво влијание. Еве првпат ќе кажам за мене дека сум бил под иранско-турско-унгарско влијание. На врвот на тие лажни извештаи според мои сознанија биле на удар и претседателот Мицкоски, Драган Ковачки, Антонио Молошоски, Владо Мисајловски. За мене составувале белешки дека сум бил анти-западен и анти-НАТО во услови кога бев потпретседател на Парламентарното собрание на Совет на Европа, во услови кога бев шеф на мониторинг мисија што ги создаваше Советот на Европа и во услови кога Пријатели на Европа ме избраа во 2022 година меѓу 40 највлијателни личности под 40 години во Европа”.
„Ако во 2025 година некој очекува дека ова ќе се заборави, тоа е многу наивно. Два пати ВМРО-ДПМНЕ паѓале од власт од службите и 2002 како последица на Големото уво и 2016-2017 преку прислушкуваните разговори. Ако истите тие луѓе мислат дека сме наивни и ќе ја оставиме работата по трет пат да нѐ симнат од власт на недемократски начин, тогаш сериозно нѐ потцениле. Еднаш за секогаш ќе расчистиме за да не ни се случи пак”, подвлече Николоски.
Тој најави бескорпулозна борба за правда, против сите структури кои ги злоупотребувале тајните служни. Николоски ги повика обвинителството и судовите да не ги штитат структурите од претходната власт и да ја изведат правдата пред целата јавност.