На денешната прес конференција, Ѓорѓиевски претстави еден од седумте столба на неговата програма насловен „Скопје – град на слоеви, град на култура“.
„Културната стратегија за Скопје ја препознава слоевитоста на градот како негово најголемо богатство. Токму затоа, таа се темели на три клучни насоки: ревитализација на јавните простори, развој на културната инфраструктура и системска поддршка на културниот развој. Скопје е град што ја раскажува својата историја преку Скупи, Чаршијата, Калето и Аквадуктот. Тоа се симболи на историскиот и општествениот континуитет на нашиот град. Но мора да признаеме, овие места со години се запоставени. Аквадуктот пропаѓа, Скупи е заборавено, Калето без живот, а Чаршијата полека, но сигурно ја губи својата автентичност. Време е тоа да се промени. Време е да го вратиме духот на Скопје. Време е културното наследство да престане да биде жртва на негрижа и да стане извор на гордост, енергија и нов живот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој вети дека Аквадуктот ќе го претвори во современ културен парк, Археолошкиот локалитет Скупи ќе му биде повторно вратен на јавноста преку негово целосно отворање, Старата скопска чаршија ќе ја уреди со почитување на сите обврски во однос на заштитата на културното наследство, а Скопското кале ќе го интегрира како жив културен центар преку развивање на континуирани културни програми, адаптација на просторот и современо уредување што ќе се нагласи неговата историска вредност.
„Ќе ја унапредиме работата на МКЦ, кое е белег на културното и урбаното живеење во Скопје, како и на Музејот на град Скопје, Културно-информативниот центар, како и сите сите културни институции кои се под надлежност на Градот. Киното Милениум ќе биде целосно реконструирано и повторно ставено во функција како мултифункционален културен објект. Скопје ќе стане град на фестивали, град што живее преку културата целата година. Системска поддршка ќе дадеме на реномирани скопски фестивали како Skopje Jazz Festival, Skopje Calling, Пиволенд, Виноскоп, Баскерфест, Фестивал на светлина, Скопје танцува, Скопје рок револуција“, Скопски филмски фестивал и други манифестации. Ќе го вратиме Скопскиот фестивал на забавна музика и ќе го оживееме меѓународниот фолклорен фестивал Скопје“, вети Ѓорѓиевски.
Истовремено, рече тој, Скопје мора да се отвори и кон меѓународната културна сцена, привлекувајќи странски уметници, продукции и културни мрежи.
„Сите овие чекори се дел од визијата Скопје да биде град на идеите, уметноста и луѓето – град со културна сила што ќе биде пример за целиот регион. Зашто културата е инвестиција во иднината. А иднината на Скопје ја гледам како град што создава, инспирира и обединува“, рече Ѓорѓиевски на денешната прес конференција.
