Министерството за внатрешни работи во недела, кога ќе се одржи првиот круг на локалните избори најави полициско присуство во близина на локациите на избирачките места, како и на клучни сообраќајни точки, а најави дека ќе се користи и современа технологија, дронови. Како што потенцираат од МВР, целта е навремено да се откријат можните нарушувања на јавниот ред и мир и да се гарантира безбедноста на граѓаните кои ќе излезат на гласање.
„Министерството континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти, посочуваат од МВР.
Од таму апелираат до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера на изборите, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од било какви активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес. Во текот на изборниот ден, од МВР најавуваат дека ќе ја информираат јавноста за одвивањето на изборниот процес.
