Тој нагласи дека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат конструктивно партнерство во рамки на Владата, кое се темели на заеднички цели и резултати.
„Ние градиме партнерска политика со нашиот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ. Ги очекуваме и нивните гласови, како што и ние дадовме поддршка на нивните кандидати во другите општини. Тие 33 општини кои ги освои ВМРО-ДПМНЕ се резултат и на нашата поддршка“, додаде тој.
Минчев истакна дека резултатот во Куманово ја покажа катастрофата на СДСМ, партија која не само што не успеа да влезе во втор круг, туку падна на четвртото место во градот.
Дополнително, Минчев се осврна и на состојбата во Општина Центар, која ја опиша како последното гнездо на овозможување на бизнисите на двоецот Филипче – Заев, потпомогнато, како што рече, од актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.
„Во моментов Центар е една од општините што најбрзо издава градежни одобренија. За време на мандатот на Герасимовски се издадени над 300 одобренија за градба, што остава огромен простор за сомнеж во нетранспарентни зделки и корупција.
Зад тие градежни бизниси стојат неколку компании поврзани со Герасимовски, Филипче и Заев. Првиот ешалон е бизнис-кругот што профитира од градбите, вториот ешалон се луѓе во самата општина, задолжени за занаетчиски работи, фасади, плочки, инсталации. Тоа е класичен модел на корупција и клиентелизам“, нагласи тој, додавајќи дека граѓаните во Центар се разочарани од ваквиот начин на владеење.
„Ако ги погледнете резултатите, 68 проценти од граѓаните се изјаснија против политиките на Горан Герасимовски. Тоа е сигнал дека Центар сака промена, а не продолжение на криминалните урбанистички политики“, заклучи Минчев.
The post Минчев: Центар е последното гнездо на бизнисот на двоецот Венко – Заев, поддржанo од Герасимовски appeared first on МКД.МК.
