Колото број 5 во елитната конкуренција носи неколку натпревари, од кои извесно, со префикс на дерби е оној во кој ќе се сретнат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово.
Закажан е за сабота навечер, од 18.часот во големата сала на СЦ „Јане Сандански“. Многу важен за двете екипи, од различен аспект.
Кумановци доаѓаат во Аеродром со епитетот на непобедливи, односно се една од трите екипи кои во изминатиот период имаат максимален број на победи – четири. И извесно, тимот кој го предводи Марин Докузовски ќе се обиде да го продолжи тој победнички чекор, кој ги донесе и на делба на првото место на табелата во МТЕЛ лигата.
Од друга страна, за шампионот повеќе нема простор за нови киксови. Веќе се во застанување, по оној службен пораз, па дуелот со кумановските „сино-бели“ во некоја рака има и императивна форма, што го прави овој меч уште поинтересен за љубителите на кошарката не само во Скопје, туку и пошироко.
