Во Армијата на Република Северна Македонија денес пристигна уште едно големо признание – а особено значајно за Делчево. Нашиот сограѓанин, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на Генералштабот на Армијата, беше одликуван со Медал за истакната служба од страна на генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт, кој престојува во официјална посета на државата.
Ова престижно признание се доделува за исклучителни заслуги и поддршка во рамките на долгогодишната Програма за државно партнерство со САД. Генералот Најт ги истакна лидерството, професионалноста и експертизата на генерал-мајор Лафчиски, нагласувајќи дека неговата работа има директно позитивно влијание врз исполнувањето на НАТО целите на нашата држава.

На официјалниот состанок што се одржа денес, генерал Најт се сретна со началникот на ГШ генерал-мајор Лафчиски, со министерот за одбрана Владо Мисајловски, а присуствуваше и амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер. Беше оценета повеќедецениската соработка со Националната гарда на Вермонт како исклучително успешна. Преку ова партнерство се реализирани десетици активности – од заеднички обуки и воени вежби, до учество во мировни мисии и едукативни програми.
Генералот Лафчиски, кој потекнува токму од Делчево, уште еднаш го потврди својот значаен придонес во развојот на Армијата и меѓународната соработка. Неговото одликување претставува голема чест не само за Армијата, туку и за сите граѓани на Делчево, кои со гордост го следат неговиот професионален успех.
Соработката меѓу Армијата и Националната гарда на Вермонт, како што беше посочено на средбата, ќе продолжи да се развива и продлабочува и во следниот период.
