Едно лице загина, а друго е приведено по сообраќајна несреќа што синоќа се случила на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Несреќата била пријавена во СВР Скопје во 22:21 часот, а во неа учествувале автомобил „ауди А4“ со скопски регистарски таблички, управуван од 31-годишниот Н.Х. од Визбегово, како и два мотоцикли – „БМВ“, управуван од 19-годишниот М.Ф. од Скопје, и „Хонда ХДВ“, управуван од 21-годишниот Н.Б. од Скопје.
Во несреќата тешко бил повреден мотоциклистот М.Ф., кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Таму лекарите констатирале тешки телесни повреди, а подоцна тој им подлегнал на повредите.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот бил лишен од слобода. На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје, а причините за несреќата се истражуваат.
