На социјалните мрежи деновиве кружи повик до граѓаните на општините Виница и Кочани да присуствуваат на, како што се вели, „сенароден собир и разговор“ посветен на македонско-руското пријателство, на православната поврзаност и на иднината на Македонија. Според објавата, собирот е најавен за 14 јуни пред руската православна црква во селото Блатец. Останува непознато е кој е организатор на собирот.
По објавувањето на повикот, следуваше реакција од свештеното лице Драган Арсовски, кој информираше дека настанот не е организиран ниту поддржан од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
„Почитувани верници, по социјалните мрежи почна да се шири покана за собир во Блатец на кој ќе се разговара за македонско руско пријателство, православна поврзаност. Должност ни е да ве информираме дека овој собир не е под покровителство на Црквата и е без знаење и благослов на нашиот надлежен епископ. Со самото тоа се оградуваме од било каква поврзаност со истиот. Исто така да напоменеме дека храмот каде е закажан собирот е во изградба и не е адекватно место за вакви собири. Црквата го демантира и не го одобрува овој собор бидејќи е без нејзино знаење. Црквата е македонска и му припаѓа на народот божји од Блатец и на сите луѓе, а е под управа на МПЦ – ОА Брегалничка Епархија“, напиша Арсовски на неговиот профил на Фејсбук.
Мета за став се обрати и во МПЦ, од каде што кусо ни рекоа дека не слушнале за ваков повик и дека во минатото досега не се случило да има вакви повици до граѓаните поврзани со руската црква.
