Повеќе од 80 филмови, 8 работилници, над 400 учесници и гости од повеќе европски земји на годинешното фестивалско издание
Што им изгледа невозможно на младите луѓе денес? Дали невозможното е навистина граница или само нешто што сè уште не сме научиле да го замислуваме, разбереме или направиме? Токму овие прашања се во фокусот на годинешното издание на Младинскиот филмски фестивал Џифони Македонија, чија тема е „Невозможните нешта“ (The Impossible Things).
Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 19 часот во киното „Фросина“ во Скопје, со проекција на италијанскиот филм „Лагат – Невозможен сон“ од 2025, во режија на Мајкл Зампино.
Андреа, како тинејџер, бил сметан за многу надежен џокеј, но по смртта на својата мајка ги напуштил тркачките патеки. Случајната средба со Тони, неговиот поранешен тренер во коњичкиот клуб „Сан Росоре“, го наведува Андреа да поверува дека повторно може да стане успешниот џокеј што некогаш бил.
Следејќи го светот на генерацијата Z, но и на најмладата генерација Алфа, свет кој се менува со огромна брзина, Giffoni Macedonia годинава отвора простор за приказни што се послоевити, похрабри и поблиски до сложената реалност на младите. Промените не се однесуваат само на возрасните граници – тие се одразуваат и во начинот на кој младите ги доживуваат филмовите, кратките видеоформати, медиумите и светот околу себе.
Целта на фестивалот е да понуди филмови кои на денешните тинејџери ќе им се обратат со искреност и длабочина, почитувајќи ја нивната зрелост и нивната потреба за приказни во кои можат да ја препознаат сопствената сложена реалност.
Зборот „невозможно“ звучи како пречка. Но, во него постои и една противречност – тој негира, но истовремено упатува на нешто што сè уште не сме научиле да го правиме, замислуваме или во што не сме научиле да веруваме.
