„Забораваме кој нè ставил во парламентот, кој гласал за нас и кој ни овозможил да бидеме на одредени позиции“. Со оваа порака потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски, се осврна на внатрепартиските несогласувања и односот на дел од функционерите кон партијата, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Герасимовски оцени дека во СДСМ со текот на годините се изгубиле дел од вредностите кои порано придонесувале за посилна организација, меѓусебна почит и чувство на припадност.
Тој нагласи дека секој функционер треба да биде свесен за одговорноста што ја има кон политичката партија и членството кое му ја дало довербата.
„Треба да бидеме свесни, одговорни и самокритични. Треба да знаеме кој ни овозможил да бидеме на одредени позиции, како сме дошле до нив и што ѝ должиме на политичката партија“, порача Герасимовски.
Тој потсети дека е член на СДСМ уште од своето полнолетство и дека најголемиот дел од неговиот политички развој е поврзан токму со оваа партија.
„Јас сум член од моето полнолетство. Таму сум растел. Ни недостигаат многу работи во партијата, но верувам дека со текот на времето голем дел од нив ќе ги вратиме“, истакна Герасимовски.
Според него, партијата не може целосно да се врати на начинот на кој функционирала во минатото, но може повторно да изгради поголема блискост меѓу членството.
Герасимовски го критикуваше начинот на дејствување на незадоволните членови обединети околу таканаречената „платформа“ и порача дека предлозите за промени треба да се разгледуваат во партиските органи.
„Здраво е да имаме различни ставови и размислувања, но непринципиелно е тие да се искажуваат преку медиуми, хотели и кафеани“, истакна тој.
Герасимовски, јавно ја доведе во прашање искреноста на намерите на дел од членовите кои дејствуваат преку внатрепартиската „платформа“, прашувајќи зошто не се вклучиле во изборната кампања во Брвеница доколку навистина сакаат зајакнување на партијата.
Тој нагласи дека СДСМ ги загубила изборите во Брвеница, но зголемениот број освоени гласови во споредба со минатата година претставува позитивен сигнал за партијата.
