Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, го повика највисокиот американски дипломат во Копенхаген, откако државната телевизија „DR“ објави извештај дека американски државјани спроведувале тајни операции во Гренланд, пишува Би-би-си.
Според телевизијата „DR“, целта на операциите била инфилтрација во гренландското општество и промовирање на негово отцепување од Данска и приклучување кон САД. Иако извештајот не открива за кого работеле тие лица, данската разузнавачка служба предупреди дека Гренланд е мета на „различни видови кампањи за влијание“.
„Секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството е неприфатлив“, изјави Расмусен, додавајќи дека во тој контекст бил повикан американскиот отправник на работи Марк Строу.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повеќепати изјави дека сака да ја анектира територијата.
Данската разузнавачка служба (PET) проценува дека кампањите за влијание имаат за цел да внесат раздор во односите меѓу Данска и Гренланд, преку искористување на постоечки или измислени несогласувања и преку дезинформации. Разузнавачката служба соопшти дека го засилила своето присуство во Гренланд и соработката со локалните власти.
„DR“ извести дека Американец го посетил главниот град на Гренланд, при што се обидувал да состави список на жители кои ја поддржуваат американската идеја за преземање на островот. Целта, според медиумот, била тие лица да се регрутираат во сепаратистичко движење.
Случајот доаѓа неколку месеци по друг извештај во „Wall Street Journal“, во кој се наведува дека американските разузнавачки агенции се насочени кон активности во Гренланд.