Граѓанските организации само формално се канат на седницата на Судскиот совет на кој се усвојува Извештајот за работа за 2025 година, без можност за суштинска вклученост во дискусијата која е ограничена и без суштински осврти, а извештајот не содржи доволно аналитичка содржина и остава впечаток на повторување на претходни години, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
Шест организации, кои се дел од групата, и годинава изразија загриженост поради недоволното транспарентно постапување на Судскиот совет (ССРСМ) при усвојувањето на Извештајот за работа за 2025 година. Посочуваат дека, како и досега, во овој извештај се содржани само минимум податоци за работата која ја извршил ССРСМ минатата година што е законска обврска, согласно одредбите од новиот закон. Извештајот во основа не опфаќа посуштински и пообемни анализи на податоците и состојбите кои може да ја пресликаат реалната работа на Советот во изминатата година иако во истата одредба стои дека извештајот содржи и „други прашања во врска со остварувањето на независноста и самостојноста на судството“, како и „степен на реализација на Годишната програма за работа на Советот по ставки“.
„На седницата, Судскиот совет даде многу оскудна и нецелосна презентација на Извештајот без да се издвојат јасни заклучоци и согледувања за состојбите во судството што придонесува кон тоа јавноста да не може да биде целосно запознаена со работата на Советот во 2025 година. Исто така, на самата седница, изостана аргументирана дискусија за суштинските прашања, при што преовладуваа општи и формални констатации без конкретни анализи и покрај тоа што дел од членовите инсистираа истите да бидат дел од извештајот“, велат од Блупринт групата.
Посочуваат дека во насока на зголемување на суштинската транспарентност во работат на ССРСМ, како обврска од Оценската мисија на ЕУ беше препорачано на седниците на кои се разгледува и усвојува извештајот за работа да бидат поканети здруженија на судии и граѓански организации кои ја следат работата на ССРСМ, но на седница немаше претставник од Здружението на судии на РСМ ниту пак беше запознаена јавноста дали истите имаат дадено свои видувања и коментари по однос на Извештајот за работа на ССРСМ за 2025 година.
„Седниците на Советот се јавни и оттаму граѓанските организации редовно ги следат истите, смислата на одредбата на Деловникот на Судскиот совет и препораката на Оценската мисија е да се даде можност граѓанските организации да се вклучат во дискусијата за работата на извештајот. Суштината на оваа препорака е да се овозможи активна вклученост на граѓанските организации и Здружението на судии во дискусијата – нешто што изостана во изминатите две години“, посочуваат граѓанските организации.
Тие сметаат дека со ваквото постапување ССРСМ ја пропушти можноста за подобрување на својата транспарентност, но и доследна примена на препораките од Оценската мисија, особено што во Деловникот за работа на ССРСМ има одредба со која се бара присуство на граѓански организации оваа седница, што беше само формално, а не и суштинско исполнување на препораките.
„Формалното толкување на одредбите, без нивна суштинска примена, остава впечаток на рестриктивно и ригидно толкување кое не оди во прилог на развојот на правната и институционалната култура и довербата во институцијата. Поради тоа, Блупринт групата укажува дека транспарентно работење не значи само присуство на јавноста на седниците, туку и вистинска отвореност за дискусија, анализа и меѓусебен дијалог, токму преку можност за активно вклучување на професионалната јавност преку Здружението на судии на РСМ и на општата јавност, преку претставниците на граѓанскиот сектор“, велат тие.
