Комисијата за одлучување при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), по прекршок утврдила неправилности кај дел од центрите кои откупуваат овошје и зеленчук од индивидуални земјоделци и правни лица.
Од Комисијата соопштуваат дека, во рамки на надлежностите согласно Законот за забрана на нефер трговски практики, бил извршен увид кај повеќе субјекти кои вршат снабдување со земјоделски и прехранбени производи,
При контролите биле констатирани повеќе прекршувања во делот на регулирањето на договорните односи меѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехранбени производи.
„Меѓу утврдените неправилности се непостоење на писмени договори за откуп, користење договори кои не ги содржат задолжителните елементи предвидени со законот, како и неусогласеност на договорните одредби со законските обврски“, наведуваат од Комисијата.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со засилен надзор во овој сектор, а против субјектите кај кои се утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни санкции.
Комисијата воедно упати апел до сите учесници во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи доследно да ги почитуваат законските одредби.
