Од Министерството тврдат дека постапката е целосно законска и дека огласот е објавен откако е добиена согласност од Министерството за финансии.
Оттаму се повикуваат на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој во кабинетите на министрите може да се ангажираат посебни советници, чиј мандат трае до истекот на мандатот на министерот.
Од Министерството посочуваат дека оваа можност ја користеле и претходни министри и дека станува збор за механизам предвиден за обезбедување стручна поддршка во работата на кабинетите.
„Огласот е објавен по добиена согласност од Министерството за финансии, а рокот за пријавување е утврден согласно законската процедура и не е произволно определен од Министерството за култура и туризам. Воедно, потребно е да се направи јасна разлика меѓу државните советници во Министерството и посебните советници во Кабинетот на министерот. Станува збор за две различни категории, со различен правен основ, статус и работни обврски. Оттука, бројот на државни советници во Министерството не претставува аргумент за оспорување на законската можност за ангажирање посебни советници во Кабинетот. Ангажирањето стручни лица во Кабинетот има за цел да обезбеди дополнителна експертиза и професионална поддршка во креирањето и спроведувањето на политиките во областа на културата и туризмот“, се наведува во објавата на Министерството на официјалниот Фејсбук профил.
Министерството дополнително прави разлика меѓу државните советници во Министерството и посебните советници во кабинетот на министерот. Според нив, станува збор за различни категории со различен правен основ, статус и работни обврски.
„Ангажирањето стручни лица во Кабинетот има за цел да обезбеди дополнителна експертиза и професионална поддршка во креирањето и спроведувањето на политиките во областа на културата и туризмот“, велат од Министерството.
Ваквата реакција доаѓа откао Левица реагираше дека е „скандалозен“ огласот со кој Министерството бара двајца посебни советници – еден за правни работи и еден за култура.
Партијата посочува дека Министерството веќе има 17 државни советници, а за новите кабинетски позиции е предвидена основна нето-плата од 60.000 денари.
„Министерството, кое и без тоа располага со 17 државни советници, највисокиот ранг во администрацијата, сега има потреба и од дополнителни кабинетски советници со основна нето-плата од 60.000 денари“, реагираа од Левица.
Особено го проблематизираат условот за позицијата „советник за култура“, за која, според нив, не се бара образование од областа на културата, уметноста или културниот менаџмент, туку диплома по економија, од областа на меѓународните економски односи.
Левица го оспорува и рокот за пријавување од само три дена, во споредба со периодот што Министерството го има за избор на кандидатот.
„Кандидатите мора во рок од само три дена да обезбедат и достават докази во оригинал или во копија заверена кај нотар, додека изборот потоа може да трае 45, 90 или 120 дена. Значи, граѓаните имаат само три дена да се пријават, додека Министерството има и до четири месеци да го „избере“ кандидатот“, стои во реакцијата.
Од Левица прашуваат зошто огласот е објавен со толку краток рок и зошто ваквите огласи се објавуваат во период на летни одмори.
„Останува впечатокот дека огласот не е објавен за да се пронајде најквалификуваниот кандидат, туку за да се задоволи формата на една веќе однапред утврдена кадровска одлука“, тврди партијата.
Во меѓувреме, Комисијата за култура на СДСМ денеска преку објава на Фејсбук побара итно решение и утврдување одговорност за, како што тврдат од партијата, проблемите со здравственото и пензиското осигурување на вработени во Министерството за култура и туризам.
Од СДСМ велат дека проблемот трае од 31 март, а во последниот период, според нив, била доведена во прашање и редовната исплата на платите.
Од партијата тврдат дека поради проблемите со осигурувањето вработени биле враќани од лекарски прегледи, нивните деца не можеле да добијат потребни лекови, а биле одложувани и однапред закажани медицински снимања.
„И наместо решение, на вработените им се кажува да одат приватно, да ги чуваат сметките и да се надеваат на рефундација. Ова не е начин на кој една држава се грижи за своите вработени“, реагира Комисијата за култура на СДСМ.
Од СДСМ бараат да се утврди кој е одговорен за состојбата и што презеле поранешниот министер за култура и туризам Зоран Љутков и тогашната државна секретарка Марија Станчевска-Ѓоргова за да се спречи проблемот.
Партијата бара Министерството јавно да ја објасни причината за прекинот, да информира за уплатата на придонесите и да даде рок до кога вработените повторно ќе имаат целосно регулирано здравствено и пензиско осигурување.
„Вработените не се партиски бројки. Тие се луѓе со семејства, деца и здравствени потреби“, порачуваат од Комисијата.
