ПЕХЧЕВО, 30 септември – Во рамки на европскиот проект ADRISKY, градоначалникот на Општина Пехчево на 29 и 30 септември престојуваше во Мантова, Република Италија, каде оствари работни средби со претседателот на Parco del Mincio, Маурицио Пелицер, и директорката Чинција Де Симоне, долгогодишни партнери на општината во реализацијата на европски проекти.
На средбите беше направен осврт на досегашната успешна соработка, а беа разгледани и можностите за развивање на нови заеднички иницијативи. Соговорниците изразија подготвеност и во иднина да работат на проекти насочени кон заштита на животната средина, одржлив развој и унапредување на меѓународната соработка.
Од Општина Пехчево истакнуваат дека ваквите средби претставуваат значаен чекор во зајакнувањето на партнерските односи и создавањето нови можности за локален развој преку европските програми.
„Европските проекти не се само административни процедури и документи, туку пред сè луѓе, доверба и нови партнерства кои носат конкретни придобивки за локалните заедници“, посочуваат од општината.
Со реализацијата на ваквите активности, Пехчево продолжува активно да ги гради своите меѓународни партнерства и да придонесува кон создавање почиста, позелена и поодржлива локална средина во согласност со европските вредности и стандарди.
