На средбата со градоначалникот, како што соопшти ресорното Министерство, заменик-министерката потенцирала дека добриот менаџмент е предуслов за економски силни општини, посочувајќи дека треба да се искористат европските средства со цел да се обезбеди просперитет и благосостојба за граѓаните. Ја нагласила и заложбата на Министерството и на Владата за стимулирање на развојот на општините преку поголема искористеност на европските фондови.
Системот за третман на отпадни води којшто го посетила заменик-министерката Трајков, е дел од проектот „Обнова на природните ресурси и унапредување на одржливо земјоделство и туризам” финансиран преку програмата ЕУ за Преспа.
За проектот преку ИПА 2021 програмата се обезбедени 21,7 милиони евра, а предвидено е да се заврши до јуни 2027 година.
При посетата, заменик-министерката Трајков истакнала дека поддршката на ЕУ е драгоцена за секоја општина и дека Министерството за европски прашања е на располагање на општините и ги стимулира да аплицираат за ЕУ фондовите кои ќе овозможат забрзан развој и подобар живот во општините.