„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина,“ порача Салиу во неговиот говор пред жителите на Шуто Оризари.
Тој најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, LED осветлување и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над глава.
„Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу ја нагласи и важноста на здравјето и социјалната грижа за жителите на оваа скопска општина, притоа најавувајќи формирање на мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање на Фонд за поддршка на ранливите семејства.