Струга Трим Лум има максимални пет победи во досегашниот тек од шампионатот во Прва МФЛ, а денеска крај езерото гостува актуелниот шампион. Дефинитивно ова е дербито на шестото коло, а погледите на домаќинот се насочени кон напаѓачот Басиру Компаоре, кој игра во феноменална форма од почетокот на сезоната.
Робусниот голгетер постигна гол на сите пет натпревари од првенството досега, а на дел од нив беше и двоен стрелец. Тоа го прави најефикасен фудбалер во лигата со седум постигнати погодоци.
Басиру Компаоре ќе биде еден од најголемите адути на Струга ТЛ и на дербито против Шкендија.
„Фудбалот е колективна игра, еден играч не може да стори речиси ништо против цел колектив, а јас имам среќа што поддршката од соиграчите ми е навистина феноменална. Ќе се потрудиме максимално и на дербито против Шкендија да одиграме на највисоко ниво и да оствариме посакуван резултат. Јасно е дека нема да биде лесно, против нас ќе биде актуелниот првак, но ние веруваме во нашите способности и сигурно ќе имаме голема поддршка од трибините“, вели Басиру Компаоре во пресрет на дербито.
