„Мицкоски вели СДСМ имал патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски зборува за омраза, а сам е извор на омраза. Цела година навредува, понижува, го дели народот и сите кои ги критикуваат неговите очајни политики ги нарекува глодари и лешинари. Цела година го храни стравот, се заканува, плука по секого – па после глуми жртва кога народот ќе му ја врати вистината. Цела година зборува за дестабилизации, хибридни напади – додека единствениот кој дестабилизира е тој, со неговиот говор полн со омраза“, изјави Филипче.
На трибината Филипче јавно му порача на Мицкоски дека луѓето го презираат заради сите лаги и манипулации.
„Никој тебе не те мрази Мицкоски – туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче додаде дека залудни се обидите на Мицкоски за замолчување и страв.
„Никого нема да замолчиш. Никого нема да исплашиш со заканите и пропагандата – затоа што одамна си прочитан.СДСМ нема да молчи пред политичар што ја валка Македонија со омраза, што шири поделби, што мисли дека патриотизмот е да ги хушкаш луѓето еден против друг. Од таквиот патриотизам се сведовме на земја без иднина, без развој, во која сè што правиш ти и твоите е стратегија како да се одржите на власт“, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните не сакаат жалопојки, туку решенија, правда и достоинствен живот.
Мицкоски денеска изјави дека лидерите на СДСМ, Венко Филипче, на ДУИ, Али Ахмети и на Левица, Димитар Апасиев патолошки го мразат ВМРО-ДПМНЕ.
„На овие избори треба да имаме јасна претстава на опциите што се пред нас. Едната опција е коалицијата што се здружи на основа на два приниципа, првиот е желбата за власт по секоја цена, без разлика на нивните политички и човечки разлики како и нивната желба за власт и привилегии што ги уживаа и безмилосно ги користеа. Второстепена е и патолошката омраза кон ВМРО ДПМНЕ, а тоа е коалицијата што ја предводи СДСМ, а потоа се ДУИ и Левица. Здружени се Венко, Али и Димче за власт и заради патолошката омраза кон ВМРО ДПМНЕ. Втората опција за граѓаните е коалицијата што ја предводи ВМРО ДПМНЕ. Секој што мисли дека има трета, четврта или поинаква опција се лаже бидејќи тоа е невозможно. Секој глас што ќе замине кон некоја друга опција е глас фрлен за бадијала и служи на некој што не му мисли добро на Македонија“, нагласи Мицкоски.
