Делчево ја одбележа годишнината од загинувањето на комитите од последната чета на ВМРО во Пијанец .
Делчево, 18 април 2026 – Со полагање свежо цвеќе, денеска во Делчево беше одбележана годишнината од загинувањето на комитите од последната чета на ВМРО во Пијанечкиот регион.
Почит беше оддадена пред спомен-плочата во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде се наоѓаат посмртните останки на загинатите борци.
Според историските податоци, на 18 април 1933 година, во тогашното Царево Село, четата предводена од војводата Дончо Христов влегла во судир со жандармериски сили. По нападот на полициската станица, комитите биле опколени од значително побројни сили, при што во борбата загинале Дончо Христов, Јангел Симеонов, Митко Паликрушов, Стојан Георгиев и Васил Николов.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски во оваа прилика, истакнува дека нивната жртва претставува значаен дел од историското наследство на Пијанец и претставува потсетник за цената на слободата, нагласувајќи ја обврската за зачувување на споменот за нив.
Гоцевски, најави дека ќе следуваат активности за уредување на просторот околу спомен-обележјето, со цел тоа да добие посоодветен изглед и да стане препознатливо место за граѓаните и посетителите.
