Утрото на Први мај, велат, во култната зграда Еуропа во Брисел, дом на Европскиот совет и Советот на ЕУ се случил, благо речено, колективен паничен напад. Не од геополитички, не од енергетски ниту пак од царински причини, туку, како што ѝ прилега на една крајно цивилизирана бирократија, паничен напад од пророчка природа. Сите европски министри за финансии итно ги шмкрнале ристрето еспресата, лате мачите и цедените лимони, ги затвориле лаптопите откако кликнале ALT+F4 на отворените ексел табели, и со брзина на светлината свикале вонреден состанок на кој на дневен ред било едно и единствено судбоносно прашање: кои десетина од нив се на сигурен пат кон банкрот. Поводот бил пророштвото кое стигнало од малата Македонија и звучи како перфектна најава за крајот на „Песната на огнот и мразот“ односно конечното доаѓање на ветениот принц, Азор Ахаи во форма на Христијан Мицкоски, прв од неговото име, кралот на Андалите и првите луѓе, кршач на синџири, премиер на третата најбрзорастечка економија во Европа, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, министер за надворешни, за правда и полиција, градоначалник на сите општини, врховен командант и чувар на државната каса. Оној кој ќе ја спаси најпрво Македонија, потоа Европа, и светот од сигурна пропаст. Затоа, Џорџ Р.Р. Мартин, фаќај прибелешки.
Извори блиски до Брисел велат дека германскиот министер за финансии прв побарал, а бил поддржан и од неговите колеги од Холандија, Франција, Италија и Шпанија, да се формира Работна група на пропаста, со подгрупи што ќе разработат различни сценарија: дали ќе се банкротира според БДП по глава на жител, според бројот на пензионерите, цената на бензините, должината на автопатите или според степенот на политичка гордост. Друг шеф на државна каса на неименувана држава од северниот дел на континентот предложил да се објави меѓународен тендер за консултант којшто ќе изработи „Методологија за балансиран и инклузивен банкрот на десетици големи земји“. А трет, пак, кој доаѓал од Медитеранот, поставил разумно прашање: ако веќе пропаѓаме, може ли тоа барем да се одложи за по крајот на туристичката сезона?
Иронијата е многу интересна работа. Сè додека во собата не влезе сметководителот. Тој е многу здодевен човек. Бог да чува. Не верува во историски судбини, не кажува драматични реченици, иднината ја предвидува не врз база на чувства и стари древни ракописи, туку според некои си таму податоци, документи и дефиниции.
Влегува и со неговиот намќоресто смрзнат лик на кој едвај се гледаат минимални движења, кажува дека Европа навистина има демографски проблем многу сличен на оној што го има и Македонија. Населението старее, работната сила се намалува. Европа има и фискален проблем, растат долговите, буџетските дефицити, цените на енергенсите. Исто и во Македонија. Но, таа нема да банкротира од едноставна причина што државите не банкротираат во буквална смисла на зборот.
Во официјалните и јавно достапни информации што најдиректно зборуваат за европските фискални ризици не постои никаква проекција дека „десетици големи европски земји ќе банкротираат“. Најблиску до драматичен јазик доаѓа една анализа на европскиот оддел на Меѓународниот монтерен фонд од крајот на 2025 година во која се вели дека ако политиките останат непроменети, просечниот долг во европските земји би можел да достигне околу 130 отсто од БДП до 2040 година. Истата анализа повикува на пензиски, пазарни и инвестициски реформи и фискални корекции. Светска банка, пак, за Европа и Централна Азија зборува за послаб раст, трговски тензии, структурни прашања и стареење на населението ама нема ништо за банкрот.
Всушност и не постои такво нешто како класичен „државен банкрот“. Кога една држава ќе влезе во тешка должничка криза тогаш најчесто се прави репрограмирање на долгот, се бараат нови начини на финансирање и во краен случај влегува во т.н. default или ситуација во која државата повеќе не може да ги враќа долговите кон доверителите. Тие може да бидат други држави, меѓународни финансиски институции или банки и приватни инвеститори во државни обврзници.
Ако пророкот од Македонија сакал да каже дека Европа ќе има бавен раст, населението ќе продолжи да старее, цените да растат, тоа може да се каже дека би било спорно но сериозно тврдење, а не политички фолклор од областа на епската фантастика.
Но, еве, да претпоставиме чисто како корисна ноќна мора, дека пророштвото ќе се оствари и навистина неколку големи европски партнери на Македонија ќе влезат во тешка должничка криза пропратена со рецесија и пад на потрошувачката.
Првиот удар за нас би бил трговски. Официјалната статистика за 2025 година вели дека 60 отсто од вкупната трговија на Македонија се одвива со земјите од Европската унија. Поединечно земено, убедливо најважен економски партнер според трговска размена е Германија, па потоа следуваат Велика Британија, Кина, Србија, Грција и Бугарија. Во таква ситуација, македонскиот извоз а со тоа и трговскиот биланс ќе биде прв на мета.
window.addEventListener(“message”,function(a){if(void 0!==a.data[“datawrapper-height”]){var e=document.querySelectorAll(“iframe”);for(var t in a.data[“datawrapper-height”])for(var r,i=0;r=e[i];i++)if(r.contentWindow===a.source){var d=a.data[“datawrapper-height”][t]+”px”;r.style.height=d}}});
Вториот удар би дошол преку дознаките или парите што токму иселениците ги праќаат до своите семејства дома. На овој начин, само преку официјалните канали во државата се влеваат над 300 милиони евра годишно. Се проценува дека износот на кеш кој се влева од иселениците, кој Народната банка го пресметува како нето менувачко работење, изнесува четири до пет пати повеќе или околу 1,5 милијарди евра годишно. Драстичен пад на овие средства за Македонија би бил погубен.
window.addEventListener(“message”,function(a){if(void 0!==a.data[“datawrapper-height”]){var e=document.querySelectorAll(“iframe”);for(var t in a.data[“datawrapper-height”])for(var r,i=0;r=e[i];i++)if(r.contentWindow===a.source){var d=a.data[“datawrapper-height”][t]+”px”;r.style.height=d}}});
Трето, странски директни инвестиции. Според ММФ, околу 67 отсто од СДИ во Македонија потекнуваат од земјите членки на ЕУ, а околу 9 отсто конкретно од Германија. Тоа значи дека евентуална должничка криза таму би ја погодила Македонија уште посилно овде и на среден и на долг рок.
Четврто, буџетски дефицит. Македонија редовно го покрива својот буџетски дефицит и враќа претходни долгови преку заеми токму од европските земји или поточно издава т.н. еврообврзница. Последна таква, десетта по ред, беше издадена токму од министерката за финансии овој јануари и тоа во вредност од една милијарда евра. Таа обврзница, секако, ќе мора да се врати со камата од околу 4 отсто. Ако големите европски држави навистина „банкротираат“ овие каматни стапки речиси сигурно ќе растат, па цената на парите за Македонија ќе оди, исто така, нагоре.
Петто, девизниот курс. Македонија има девизни резерви од 5.249 милиони евра на крајот на март 2026 година, а монетарната стабилност ја гарантира директната поврзаност на денарот со еврото. Фиксниот девизен курс може да се одржи кога има стабилен извоз, дознаки, инвестиции и умерена фискална политика. Флуктуации во курсот на еврото, а со тоа и на денарот можат да значат страшни главоболки за нашата Игра на тронови.
Шесто, грантови и заеми од европските инструменти. Европската комисија не дава пари во Македонија како приватен инвеститор туку во институционални рамки преку ИПА 3 и Планот за раст и реформската агенда. Па затоа, дури и да се остварат овие црни сценарија, најверојатно помошта за Македонија повторно ќе дојде токму од ЕУ, секако, под услов да се направат предвидените реформи и да не се дотепува судството.
Оти, не дај боже, може да се случи нешто слично на она што ја снајде куќата на Снстарк на север од нас, па да секне комплетната европска помош. Жива среќа што куќата на Вмргаријан не чепка во правосудството.
Ако Европа „банкротира“ со нејзе речиси сигурно ќе „банкротира“ и Македонија, но ако не се случи тоа ќе мора да се соочиме со многу непријатно прашање, а тоа е што правиме ние додека другите не банкротираат. Во меѓувреме реалноста отиде јабана.
