Дезинформациите, странските информациски влијанија и злоупотребата на вештачката интелигенција стануваат сè поголем предизвик за демократските процеси во Европа. Поради тоа неопходно е земјите кандидатки за членство во ЕУ да бидат вклучени што е можно повеќе во Европскиот демократски штит. Ова беше истакнато на настанот насловен „Градење отпорност кон изборни манипулации со информации“ кој вклучуваше дијалог со засегнати страни и работилница со симулација на информациски напад за време на избори. Настанот го организираше Фондацијата Метаморфозис заедно со Интернешенал ИДЕА во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и странско влијание поддржан од Global Affairs Canada.
На дискусијата учесниците нагласија дека потребата од заеднички европски пристап кон информациската безбедност станува сè поитна, особено во контекст на изборни процеси и зголемената употреба на дигитални алатки за манипулација.
Роб ван Бик од Европската алијанса за доверба од Холандија (European Trust Alliance), истакна дека вештачката интелигенција е клучен фактор и во ширењето, но и во борбата против дезинформациите. Тој нагласи дека оваа алијанса работи на зајакнување на решенија и подобрување на отпорноста на информациските системи во Европа.
„Сите знаеме за Белингкет, една од најпознатите меѓународни организации за истражувачко новинарство и проверка на факти, која соработува со нас. Целта е поврзување на земјите од Западен Балкан со европските иницијативи во областа на медиумската писменост, демократијата и технолошкиот развој. Во врска со ФИМИ (Странско мешање и манипулација со информации), странските информациски влијанија се сериозен безбедносен предизвик при што медиумите имаат клучна улога во одржување на демократските процеси“, рече ван Бик.
Миндаугас Лашас од Министерството за надворешни работи на Литванија, истакна дека неговата земја се соочува со „невоени закани“, како што се дезинформации и сајбер-напади кои се дел од современите хибридни ризици.
„Ако противникот не може да ги постигне целите со воени средства, тогаш се користат невоени методи“, рече тој, додавајќи дека Литванија има воспоставено институционален систем и алгоритми за брза реакција при случаи на масовни дезинформации.
Лашас ја нагласи и важноста на вклучување на граѓанскитте организации и подигнување на нивото на медиумска писменост кај граѓаните како и фактот дека дезинформациите на социјалните мрежи најчесто не се криминализирани што ја отежнува борбата против нив.
Клеманс Лонгли, пак, од Европската мрежа за стандарди во проверка на факти (ЕФЦСН) истакна дека работата на факт-чекерите станува сè посложена и поскапа, но и поважна. Таа посочи дека мрежата развива бази на проверени факти и механизми за брза реакција во кризни ситуации кога дезинформациските бранови можат нагло да се засилат.
„Имаме тековни проекти, имаме репозиториум на факти кои биле проверени, па ќе им биде даден извештајот на сите земји членки. Сакаме да воспоставиме механизми за криза, оти во услови на криза може да дојде до бранови за манипулирање со информации, па на тој начин да имаат фактчекерите итна поддршка. Има многу придобивки оваа наша мрежа. Добивме голема поддршка од институциите на ЕУ. Нашите проверувачи на факти имаат предизвици“, истакна таа.
Претставникот на албанската организација за проверка на факти „Фактоје“, Даниел Прони, предупреди дека дезинформациите во Албанија најчесто потекнуваат од домашни актери, а не од странско влијание. Тој посочи дека за време на изборните кампањи се забележува зголемена употреба на ботови и вештачка интелигенција за манипулација со јавноста, како и голем број медиумски портали без јасна сопственичка структура.
„Работата на проверка на факти станува сè потешка во таква медиумска средина“, рече тој, додавајќи дека новите законски решенија во Албанија ќе се имплементираат постепено и ќе вклучуваат нови дигитални координативни механизми.
Во продолжение на настанот се одржа работилница на која учествуваа 20-ина преставници на граѓанскиот сектор. Во рамки на работилницата за прв пат во земјава беше изведена симулација на информациски напад за време на избори, каде учесниците имаа за задача да направат брза проценка на штетата и одговор и до јавноста и барања до надлежните институции да реагираат навремено и прецизно.
