Македонија се соочува со зголемен ризик од суша поради што потребни се повеќе финансиски средства за реализација за мерки за адаптација. Земјите од Медитеранот, вклучително и Македонија се сè повеќе изложени на подолги сушни периоди, намалени врнежи и континуиран пораст на температурите. Од Центарот за климатски промени, по повод 17 Јуни, Светскиот ден за борба против опустинување и суша велат дека овие промени директно влијаат врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат и преку економски загуби и зголемена социјална ранливост.
„Според спроведените национални анализи и проценки, во Македонија значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион се оценети како ранливи на суша, со особено чувствителни подрачја како Скопската и Штипската котлина и Овчеполието. Овие резултати ја нагласуваат потребата од локално прилагодени политики, подобро планирање и инвестирање во зголемување на отпорноста на локалните заедници. Паралелно со развојот на алатки за проценка, се работи и на подигање на јавната свест и јакнење на капацитетите на општините за поефикасно справување со сушата и останатите климатски ризици, со цел подобра подготвеност и навремено делување на локално ниво“, велат од ЦКП.
Сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Во таа насока, неопходно е зајакнување на институционалните и локалните капацитети за проценка на ризиците и стратешко планирање, како и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени. Од организацијата ги повикаа граѓаните одговорно и рационално да ја користат водата, со цел да се намали непотребната потрошувачка во периоди на зголемен ризик од суша. Исто така се препорачува да се избегнува наводнување со вода за пиење и нерационално користење на истата во домаќинствата и земјоделството.
Земјоделското земјиште зафаќа околу половина од вкупната површина на земјата, а со тоа сушата претставува ризик со директни последици врз производството на храна, приходите на земјоделците и руралната економија. Климатските проекции за земјата укажуваат дека, во сценарио со високи емисии, до
крајот на векот температурата може да се зголеми за 5 целзиусови степени, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно.
Професорот Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна, посочува дека климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.
„Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за
одгледување овошни насади без можност за наводнување. Некогаш можевме да кажеме дека сливата во Малешевијата може да се одгледува и без наводнување, а јаболкото воодредени услови со минимално наводнување денес веќе не можеме да препорачаме ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно, без услови за наводнување. Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци, недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и со намалена релативна влажност на воздух. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени“, појаснува Арсов.
