Повеќе од 160 лекари, акушери, медицински сестри и друг здравствен персонал од земјава ќе поминат обуки за препознавање, спречување и пријавување корупција во јавното здравство. Целта е да се зајакне улогата на здравствените работници во справувањето со коруптивните практики, кои со години се посочуваат како еден од најголемите проблеми во здравствениот систем.
Обуките се дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ). Од здружението велат дека борбата против корупцијата мора да започне токму во здравствените установи, каде што пациентите најчесто се соочуваат со вакви појави.
Во рамки на проектот минатата недела се одржала обука за обучувачи, на која учествувале здравствени работници што во наредниот период ќе спроведуваат едукации низ различни региони во државата. Темите опфатиле медицинска етика, корупција во здравството, родови аспекти на корупцијата, како и механизмите за пријавување и институционална заштита.
Професорката Гордана Панова, една од предавачите на обуката, посочува дека корупцијата честопати се појавува кога пациентите се обидуваат да добијат побрза или поквалитетна здравствена услуга.
„Најважни принципи во нивната работа се добротворноста, почитување на интересите и правата на пациентите, принципите на правичност и доверливост, како и професионална одговорност. Тие треба секојдневно да ги следат овие принципи и на тој начин да не дозволат да дојде до корупција“, вели Панова.
Според експертката за борба против корупција, Лилјана Цветаноска, различните облици на корупција бараат различни механизми за превенција и санкционирање. Таа предупредува дека корупцијата во јавните набавки, иако најчесто е невидлива за граѓаните, директно влијае врз квалитетот на здравствените услуги.
Од ЕСЕ информираат дека проектот, покрај обуките за здравствени работници, предвидува и активности за подигање на свеста кај граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и иницијативи за подобрување на политиките и процедурите во здравствениот систем.
