Во текот на 2025 година се забележани вкупно 697 повреди на работа, што е зголемување во однос на претходната извештајна година од 21 отсто, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Како што се наведува во соопштението, во структурата на регистрираните повреди на работа во 2025 година и понатаму најголем број се оние забележани во индустријата и рударството и тоа вкупно 255 повреди или 37 % од вкупниот број на регистрирани повреди во државата.
„Следуваат повредите регистрирани кај лица кои работат во здравство и социјална заштита, кои во структурата на вкупните повреди на работа учествуваат со 13 %. Во структурата на вкупниот број на повреди на работа, лани повеќе има повредени работници од машкиот пол. Така во 2025 година 411 т.е. 59 % од сите повреди се регистрирани кај работниците, а 286 т.е. 41 % се повреди забележани кај работничките“, се наведува во информацијата.
Лани, стапката на повреди на работа во Република Северна Македонија изнесува 100/100.000. Тоа значи дека во текот на годината на секои 100.000 работници се повредиле 100 работници, што во однос на претходната година претставува зголемување од 21 отсто.
„Во структурата на вкупниот број на повреди на работа во 2025 година според град најголем број на повредени работници се регистрирани во Скопје вкупно 340 т.е 49 %, што во однос на претходната година постои зголемување на бројот на регистрирани повреди за 15 отсто.
Потоа следуваат Битола 172 (25 %), Велес 78 (11 %), Кавадарци 58 (8 %), Гевгелија 17 (2,4 %), Неготино 17 (2,4 %) и Свети Николе 15 (2,2 %) од вкупниот број на регистрирани повреди на работа за периодот од 2024-2025 година“, нотира ИЈЗ.
Во делот кој се однесува на предлог-мерките, наведено е дека е неопходно да се воспостави интегриран систем за следење и пријавување на повредите на работа и професионалните болести кој би овозможил евидентирање и регистрирање на сите повреди на работа и професионални болести.
„Институтот за јавно здравје располага со кадровски и технички услови, во соработка со релевантните установи од областа на статистиката во нашата држава и со релевантните извештајни единици/субјекти да обезбеди имплементација на еден ваков систем, кој би овозможил директно онлајн пријавување на овие состојби од страна на избраниот доктор, како и вклучување на докторите специјалисти по медицина на труд, овластените установи за медицина на труд и правните субјекти за безбедност на работа во системот“, пишува во предлог-мерките.
Основа за ваков пристап е Законот за евиденции во областа на здравството и неговите понатамошни измени, со кои се воспоставува Националниот систем за електронски евиденции во здравството. Овој закон ја воведува обврската за сите здравствени работници/установи за пополнување на индивидуалните пријави за повреди на работа и за професионални болести.
„Со оглед на реалната претпоставка дека секој болен и повреден работник би се јавил кај својот избран (матичен) доктор за утврдување на дијагнозата, дефинирање на терапискиот пристап и оценката на работната способност, јасно е дека единствено на таков начин може да се обезбеди многу висок опфат во пријавувањето на повредите на работа и болестите“, се наведува во предлог-мерките.
