Се воведува целосна забрана за движење во шумите од 1 јули до 31 август, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Пристапот до шумите ќе биде дозволен исклучиво со писмена дозвола издадена од надлежната подружница на ЈП „Национални шуми“ или од националниот парк што стопанисува со подрачјето.
„За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност“, информираат од Министерството.
Одлуката е донесена по препорака на Владата и на барање на ЈП „Национални шуми“ и националните паркови, а Министерството за земјоделство дало согласност со цел да се намали ризикот од појава на шумски пожари во текот на летниот период.
